Поранешниот англиски шампион, Лестер, веќе е испаднат од Премиер лигата, а тоа ќе значи дека Руд ван Нистерлој ќе го напушти кормилото на екипата на крајот од сезонава, односно по мечот против Борнмут од последното коло.
Поранешниот напаѓач на ПСВ, Реал Мадрид и Манчестер јунајтед не успеа во мисијата која ја имаше кога го презеде клубот, па разделбата е очекуван епилог. Нема информации дали поранешниот холандски репрезентативец има понуди од некоја екипа.
Ван Нистерлој тренерската кариера ја започна како помошник во младинските селекции на Холандија, а првиот самостоен ангажман го имаше во 2022 година во ПСВ, кога успеа да ги освои Холандскиот куп и Суперкупот. Во Манчестер јунајтед беше привремен тренер по заминувањето на Ерик тен Хаг, но си замина со доаѓањето на Рубен Аморим.
Навивачите на Црвените ѓаволи уште тогаш бараа тој да остане како трајно решение за тренерската позиција, но раководството се одлучи да го ангажира португалскиот тренер.