Фудбалската репрезентација на Македонија за играчи до 21 година веќе се наоѓа во Холандија, каде што во четврток, со почеток во 20 часот ќе одигра квалификациски дуел против селекцијата на Лалињата. На првиот натпревар помеѓу овие две селекции кој се одигра во Скопје, Холандија си замина со победа од 2-0.
„Се наоѓаме на почетокот на сезоната, овој период секогаш е напорен, но се наоѓаме во добра форма што се однесува до физичкиот дел. Подготвени сме да го дадеме максимумот на овие натпревари. Ако сакаме да оствариме позитивен резултат и да одиграме добар натпревар против фаворитот во групата, сите заедно мораме да одиграме тактички перфектно, да бидеме пожртвувани и борбени во текот на целиот меч. На дуелот во Скопје, против Холандија одигравме одличен натпревар, со добра игра, многу борба и трчање. Се најдовме во неколку одлични ситуации за постигнување погодок, но реализацијата не беше на ниво. И на последните натпревари се виде дека најголем проблем имавме со реализацијата. Создававме многу шанси, но не постигнувавме голови. Извлековме голема поука од таа средба, се надевам дека во Алмере ќе одиграме дуел кој резултатски ќе биде во наша корист. Последните натпревари во овие квалификации сакаме да ги одиграме на високо ниво и да покажеме дека оваа селекција располага со квалитет“, вели членот на репрезентацијата за фудбалери до 21 година, Ване Крстевски.