ВАР-систем ќе има за продолжението на квалификациите за СП

ФИФА донесе одлука ВАР-системот да се применува во продолжението од квалификациите за настап на Мундијалот во Катар, што значи дека од 2 септември модерната технологија повторно ќе биде во употреба и во Скопје, на дуелот со Ерменија.

Македонија ќе мора да ја инсталира модерната технологија за проверка на спорните моменти и за останатите три дуели на домашен терен, со Романија на 8 септември, потоа и против Германија на 11 октомври и за последниот меч во нашата група со Исланѓаните, кои ќе ни бидат гости на 14 ноември.

ВАР-системот ќе биде задолжителен и за сите натпревари во европските квалификации, за настап на Светското првенство во Катар, закажано за идната година.

Македонија во Скопје веќе играше еден меч со ВАР-системот, во полуфиналето на Сегментот Д со Косово во Лигата на нациите, што го добивме со 2:1, а потоа со триумф во Тбилиси со Грузија со 1:0 и се пласиравме на првото Европско првенство во нашата фудбалска историја.

Прв меч што нашата селекција го играше со ВАР-системот беше пријателскиот меч против Азербејџан на подготовките во Анталија во март 2018 година.

Тогаш токму по еден фаул над Горан Пандев во 21-вата минута, беше досуден пенал за Македонија откако спорниот момент се прегледуваше со помош на модерната технологија. Александар Трајковски погоди од белата точка, а мечот заврши нерешено 1:1 и ќе се памети како прв на кој се користел ВАР-системот на меч на нашата репрезентација.

 

 

 

 

 

- Оглас -

Најнови вести