Шпанија убедливо со 4:1 ја победи Грузија и се пласира во четвртфиналето на Европското првенство. Дебитантот Грузија изненадувачки поведе со 1:0 и имаше предност до пред крајот на првиот дел. Во 39-тата минута Родри со шут од далечина израмни на 1:1, а ВАР-системот ја проверуваше ситуацијата дали Алваро Mората, кој беше во офсајд-позиција, му пречел на голманот на Грузија.
Судијата Жером Брисар, кој беше главен во ВАР-собата реши дека Мората не му пречел на голманот Мамардашвили и дека погодокот е регуларен. Оваа одлука предизвика реакции кај сите во грузискиот табор затоа што само пред неколку денови, арбитрите во ВАР-собата поништија еден таков погодок.
На дуелот меѓу Франција и Холандија, Лалињата постигнаа погодок преку Чави Симонс, но реагираа арбитрите во ВАР-собата и го поништија голот поради тоа што Дензел Думфрис беше во офсајд-позиција и му пречел на голманот на Франција да реагира при шутот на Симонс.
Токму поради овие две различни судиски одлуки, за речиси идентични ситуации, реагираше селекторот на Грузија, Вили Сањол.
„Ќе го паметиме првото полувреме. Бевме многу добро организирани, но некои работи не зависат од нас. Првиот гол на Шпанија требаше да биде поништен. Мората беше во офсајд. Не знам што правеа судиите во ВАР-собата. Можеби ќе беше поинаку ако на полувреме водевме со 1:0“, рече незадоволниот Сањол, кој потоа ѝ честиташе на Шпанија за победата.
„Шпанија заслужено оди во четвртфиналето. Беше посилен тим. Ние веќе го освоивме ЕП уште пред овој меч. Се надевам дека Грузија ја претставивме во добро светло на турнирот“, заврши Сањол.