Најтрофејниот македонски фудбалски клуб, Вардар дури по 18 години повторно ќе игра финале на Купот на Македонија, утревечер на Арената во Скопје ќе игра против Струга Трим Лум, а од редовите на Црвено-црните со оптимизам влегуваат во овој дуел, со оглед на долгата серија натпревари без пораз.
„Мојата екипа е подготвена да го даде максимумот. Имаме сериозен ривал кој минатата сезона беше шампион. Вардар долго време го очекува ова финале, наша цел е да го освоиме Купот. Ако играме како во изминатве шест месеци, очекувам трофејот да дојде во нашите витрини. И Вардар и Струга заслужено се во финалето. Очекувам да има полни трибини и на крајот ние сезоната да ја завршиме со трофеј“, изјави тренерот Гоце Седлоски.
Капитенот Горан Закариќ свесен е за важноста на мечот.
„Поминаа 18 години од последниот куп-трофеј на Вардар. Мислам дека е дојдено време да го освоиме купот иако знаеме дека воопшто нема да биде лесно бидејќи против себе ќе имаме квалитетен ривал. Сепак, верувам дека со поддршка од нашите навивачи, на крајот ќе се радуваме“, рече Закариќ.
На прес-конференцијата беше покажана и топката од „Пума“, со која ќе се игра мечот. Инаку со ваква топка ќе се игра следната сезона во англиската Премиер лига.