Бакари Дијало и Јоел Куни Моралес се нови членови на македонскиот ракометен првак Вардар1961. Црвено-црниот дрес во новата сезона ќе го носат уште овие двајца интернационалци кои доаѓаат од првенството на Франција.
Французинот Бакари Дијало (27) доаѓа од Трембле. Тој од 2013 до 2019 година го носеше дресот на Понто Комбо, а потоа направи трансфер во Трембле, каде што настапуваше во последните две години. Овој лев бек сезонава одигра 24 средби за Трембле, а постигна 35 гола. Има процент на реализација од 61,4 проценти, а игра во двата правци. Претходно во сезоната 2019/20 на 18 натпревари имаше 38 гола и процент на успешност при шутот кон противничкиот гол од 62,3 проценти. Ракометарот располага со добар удар од далечина, но и со добра финта и лесен и брз пробив до линијата од шест метри.
Десниот бек Јоел Куни Моралес (34) доаѓа од тимот на Данкерк. Тој е кубански интернационалец кој како дел на Данкерк, последната сезона играше на 28 меча и даде 29 гола. Претходно две години беше член на Иври. Во сезоната 2018/19 на 13 меча даде 60 гола, додека во сезоната 2019/20 на 17 натпревари постигна 59 погодоци.
Моралес по заминувањето од Куба, долги години беше во Португалија. Започна во Порто, настапуваше за Аванка во сезоната 2012/13, потоа го носеше две сезони дресот на Мадеира, пред повторно да се пресели во Порто, каде што остана вкупно девет години. Од Порто замина во Франција.
Вардар 1961 ќе ги почне подготовките за новата сезона на 15 јули во Скопје. По медицинските прегледи, тимот заминува за Златибор, каде што ќе остане до 29 јули. Потоа се враќа во Скопје и планирано е настап на турнирот во Струга и на Хумел купот во Германија.