Ракометарите на Вардар 1961 вечерва во празниот „Јане Сандански“ го пречекуваат Порто во дуел од Лигата на шампионите, со надеж дека ќе извојуваат нова победа. Иако Порто не делува толку силно како Фленсбург, кој за многумина неочекувано беше совладан, сепак екипата за која брани Никола Митревски не смее да биде потцената.
Вардар овојпат е фаворит на хартија, домашниот терен треба да биде предност, иако ќе нема публика, но тренерот Стевче Алушовски е свесен дека во Лигата на шампионите нема лесни натпревари.
„По пoбедата над Фленсбург, атмосферата во тимот е на високо ниво, не дека претходно не беше, но триумф над еден ваков противник е огромен стимул. Деновиве добро работевме, го анализиравме Порто, тоа е екипа која нè промени многу во составот во однос на лани, игра добар ракомет, пред сè во играта 7 на 6, па се надевам ако успееме да одговориме на нивната игра 7 на 6, имаме шанса да се радуваме. Максимално сме претпазливи, секој меч е посебна приказна за себе, момците се фокусирани и ќе се потрудиме да оствариме втора победа. Нема да биде лесно, но ова е ЛШ, секој меч е тежок“, изјави Алушовски.
И ракометарите се со слични размислувања.
„Победата над Фленсбург ни е мотивација пред оваа средба. Кренат е моралот во тимот, бркаме нови два бода. Ќе биде тешко, во минатата сезона со Порто кога игравме кај нив беше тешко, сега имаме нов изглед. Имаме шанси, треба да покажеме борба, силна посветеност, мотивација. Мислам дека имаме големи шанси да победиме, но нема да биде лесно и Порто има квалитетна екипа, сигурно нема лесно да се предадат“, вели голманот Марко Кизиќ.