Најдобрите ракометни колективи во Македонија, Вардар и Металург, шеста сезона по ред заедно играат во најсилното клупско натпреварување во Европа, а овојпат амбициите во Лигата на шампионите им се, од сенка да ги изненадат главните фаворити.
За Вардар, новата сезона не можеше да почне со потежок меч, гостува кај европскиот првак Монпелје во 17.30 часот. Скопските „црвено-црни“ во мај му ги препуштија европскиот трон на Монпелје, и сега со нов тренер и прилично изменет состав ќе се обидат да покажат дека уште се дел од ракометниот „крем“.
Дебито во дресот на Вардар ќе го почека голманот Калифа Гедбан, но останатите нови лица, ќе го имаат дебито во ЛШ, меѓу нив и Словенецот Грегор Оцвирк. Ќе го нема повредениот капитен Стоилов, а и Борозан и Карачиќ не се целосно фит. Монпелје нема да смета на лвото крило Мишел Гигу.
Металург истотака гостува, од 19.30 часот кај Спортинг Лисабон. Тимот од Автокоманда откако остана без Филип Кузмановски, повредени му се десните бекови, па тренерот Данило Брестовац со 13 играчи замина во Португалија. Металург го има најмладиот тим во ЛШ со просек од 20 години по играч, па без притисок, ќе се обидат да стигнат што подалеку.
Преноси од овие мечеви може да се гледаат на сајтот на ЕХФ, и на телевизијата Арена 4.