На дербито од СЕХА-лигата против Мешков Брест што е закажано за утре од 17.15 часот во СЦ „Јане Сандански”, актуелниот првак во регионалното натпреварување, Вардар, ќе настапи без тројца играчи.
На листата на повредени се наоѓаат Кристијан Дисингер, Вуко Борозан и Сергеј Горбок. Германскиот интернационалец се повреди во саботата против Монпелје и иако нема посериозна повреда, чувствува болка, па ќе одмора неколку денови. Борозан и Горбок закрепнуваат и нема да настапат утре против белорускиот првак.
За Вардар ова е последен меч пред домашната публика во СЕХА-лигата, пред гостувањата кај Нексе и кај Извиѓач.
„Против Мешков Брест игравме во групната фаза од ЛШ. Немаме многу време за подготовка, но најважно е да играме добро и да дојдеме до победа. Завршивме со групната фаза од ЛШ и сега е време да се подготвиме за елиминациите. Пласирани сме и на Ф4 во СЕХА и треба да направиме план и програма за работа до крајот на сезоната“, изјави тренерот Роберто Парондо.
Сите што имаат билет од мечот со Монпелје можат овој дуел со Мешков да го проследат бесплатно.