Два интересни меча се играат денеска во 19. коло на Прва фудбалска лига на Македонија. Вардар е домаќин на Башкими, а Пелистер во Битола ќе игра против Струга ТЛ.
Вардар е лидер на табелата со 48 бодови и е без пораз сезонава, додека Башкими одлично го започна пролетниот дел од сезоната со реми без голови кај Силекс и победа од 1:0 дома над Пелистер, па кумановци сега се во сигурната зона.
Интересно е дека Вардар сезонава гол нема дадено единствено против Башкими на домашната сцена. Во есенскиот дел во Куманово дуелот заврши без голови, 0:0. Црвено-црните имаат девет победи по ред во првенството и сигурно дека попладнево ќе одат таа низа да продолжи. Мечот се игра на тренинг центарот „Петар Милошевски“ при ФФМ со почеток од 13 часот.

Возбудливо треба да биде и во Битола каде Пелистер ќе биде домаќин на Струга Трим Лум. Пелистер грчевито се бори за опстанок, додека Струга со двата порази во пролетниот дел полека се откажува од трката за титулата.
Струга ТЛ доминира во дуелите со Пелистер, па има осум победи и едно реми во последните девет меѓусебни пресметки.
Денеска започнуваат пролетните возбудувања и во Втора лига, а најголема неизвесност е што ќе се случува со некогашниот шампион Победа од Прилеп кој најави дека нема да продолжи со натпреварувањето.
Според распоредот, денеска од 14 часот ќе играат: Беласица – Охрид, Детонит – Големо Коњари, Кожуф – Брегалница, Осогово – Каменица Саса, Победа – Новаци, Шкендија Арачиново – Преспа, Слога Виница – Скопје и Тетекс – Вардар Неготино.

