Ракометната Европа денеска ќе го добие новиот европски владетел, а тоа ќе биде подобриот од дуелот Барселона и Кил. Тоа се двете екипи кои ќе играат во финалето на фајнлфорот во Келн, кој за првпат се одигрува непосредно пред Нова година.
Нашиот Вардар цели 574 дена го имаше приматот на шампион откако поради пандемијата со корона-вирусот се одложи првично планираниот фајнлфор, кој најчесто се игра на крајот од мај или на почетокот од јуни.
Барселона е најтрофејниот ракометен клуб во Европа. Каталонскиот гигант дури деветпати бил европски првак, а има играно вкупно 13 финалиња. Во 2015 година последен пат Барселона се радуваше на драгоцениот трофеј. Кил е третиот најтрофеен клуб во ова натпреварување и има три титули и четири загубени финалиња. Германскиот тим последен пат се радуваше во 2012 година, а финале играше во 2014, но тогаш загуби.
Финалистите меѓу себе имаат одиграно дури 15 меча во последните 10 години, а билансот е 10 победи на Барселона, три на Кил и две средби без победник. Последните два меча ги одиграа само пред еден месец, во рамките од групната фаза на новата сезона. Во двата случаи Барселона прилично убедливо победи. На домашен терен Барселона победи со 29:25, а Каталонците беа уште поубедиви на гости и се радуваа на триумф од 32:26.
Според наградниот фонд за Фајнл фор турнирот на ЕХФ, шампионот ќе заработи 500.000 евра премија, учесникот во финалето ќе се задоволи со 250.000, за третопласираниот следуваат 150.000 евра, додека четвртиот ќе добие 100.000 евра премија.
Според коефициентите во Sport Life, Барселона е голем фаворит за трофејот, но финалињата во ракометната Лига на шампиони во минатото покажувале дека често знаело да се случат изненадувања. Мечот за трофејот се игра во 20:30 часот.