Вардар во „Јане Сандански“ вечерва го пречекува Фленсбург во меч од четвртото коло од групната фаза на ракометната Лига на шампиони. Црвено-црните досега играа само во првото коло, кога загубија од Мешков Брест, а следните два меча им беа одложени поради пандемијата со корона-вирусот.
Токму поради тие одложувања, Вардар еден месец е без вистински натпревар, па тоа е еден вид проблем за нашиот тим. Фленсбург игра одлично сезонава, во Лигата на шампионите е со максимални три победи и Германците во Скопје се дојдени полни со самодоверба.
Сепак, традицијата вели дека Вардар победил трипати во досегашните четири средби со овој ривал. Нашиот репрезентативец Гоце Георгиевски верува дека може да го изненадиме фаворизираниот ривал.
„По подолго време ни доаѓа да одиграме еден меч. Фленсбург е добро познат ривал. Противникот е во добра форма, одигра многу мечеви и се во добра серија. Ние еден месец сме без натпревар, но тоа не значи дека не се подготвувавме. Тоа што го договаравме на тренинзите, треба да го преточиме на теренот. Не знаеме до каде ни е формата, во овој меч ќе го видиме тоа. Играме дома и очекувам поволен резултат. Треба да бидеме максимално ангажирани и дисциплинирани и да се бориме за позитивен резултат“, вели Георгиевски пред денешниот меч.
И тренерот Стевче Алушовски верува дека Вардар може да го победи денешниот противник.