Вардар е фаворит како ретко кога сезонава, победата над Беса би му била многу важна

Вардар и Беса 1976 со дуел за опстанок на Арената „Тодор Проески“ од 14 часот денеска го отвораат колото во Првата македонска фудбалска лига.

Вардарци во минатото коло извојуваа голема победа над Струга, па сега се на место на табелата кое носи опстанок, но ако победат и денеска над директниот конкурент, тоа би било голем чекор кон остварување на целта, иако и со нови три бода би останале деветти на табелата.

Црвено-црните се фаворити на хартија, но тимот од гостиварски Добри Дол иако е последен на табелата, си има свои математики. Беса има три победи сезонава (ниту една на гостински терен), а едната беше против Вардар кој сега е со многу поинаков составок од тој есенскиот.

Инаку, Вардар е најлошиот домаќин во ПМФЛ, сезонава има освоено само 8 бодови на 10 меча пред своите навивачи и таа статистика мора да ја поправи ако сака да го избегне најлошото.

Останатите пет меча од ова коло се играат утре.

 

- Оглас -

Најнови вести