Ракометарите на Вардар имаат водство од 17-15 после првиот дел во одлучувачкиот меч за шампионската титула во ракометното првенство на Македонија. Двете екипи имаат ист број на бодови, но „вардарци“ се оние кои имаат подобар меѓусебен дуел, па и со реми ќе ја вратат титулата во Скопје по пауза од две години. За разлика од нив, Еурофарм Пелистер има само една опција, а тоа е победа во „Јане Сандански“, што би значело и трета титула по ред.
Долго се играше гол за гол, а екипите постојано се менуваа во водство се до 18-тата минута, кога резултатот на семафорот беше 10-10. Следуваа седум ипол минути во кои битолчани не постигнаа гол, а Вардар со серија од 5-0 дојде до убедливи 15-10.
Следуваше враќање на Еурофарм Пелистер со серија од 3-0 за 15-13, а до крајот на првото полувреме двете екипи постигнаа по два гола за 17-15 после првите 30 минути.
Двајцата голмани, Еспиња од Вардар и Никола Митревски од Еурофарм Пелистер, првиот дел го завршија со по само три одбрани, па затоа и големиот број на постигнати голови, но битолчани грешеа повеќе, па затоа на паузата заминаа со негатива.