Најтрофејниот македонски фудбалски клуб, Вардар, е освојувач на Купот на Македонија за 2025 година, откако во финалето на Националната арена во Скопје ја совлада Струга со 2-0.
За Црвено-црните ова е шести трофеј од Купот на Македонија, но прв по цели 18 години. Победата над Струга во финалето од Купот значи дека Вардар се враќа и на европска сцена по пауза од шест години и ќе ја претставува Македонија во квалификациите за Конференциската лига.
Скопските „црвено-црни“ во водство дојдоа во 26-тата минута преку Михаил Маневски, а со водство на Вардар од 1-0 заврши и првото полувреме. Истиот фудбалер, но во 49-тата минута зголеми и на 2-0, откако храбро тргна кон голот на Ќосевски, мина неколку противнички фудбалери, а потоа со одмерен удар од 15-тина метри успеа да го најде патот до мрежата на Струга.
Двократниот шампион на Македонија, Струга, и во второто финале од Купот на Македонија не успеа да дојде до трофејот откако пред две години беа поразени од Македонија ЃП во финалето.