Вардар и Шкендија се издвоија како единствени конкуренти во трката за титулата откако Струга ТЛ потклекна на стартот од пролетта, а денеска на комплексот на ФФМ (14 часот) ќе се одигра големото дерби меѓу овие два тима.
Вардарци во моментот имаат четири бода предност, а Шкендија заврши со европските искушенија и сега комплетно се фокусира на трката за титулата на домашната сцена.
Според квотите, Вардар е умерен фаворит, со оглед дека игра на домашен терен, а го доби и првото меѓусебно дерби оваа сезона во Тетово, со 0-1, со голот од пенал на Давид Бабунски. Вардар во оваа битка влегува по шокантната елиминација во Купот од Охрид и по ремито против Струга ТЛ во шампионатот на гостински терен. Од таборот на „црвено – црните“ велат дека по два меча без триумф, време е Вардар да се врати на победите.
Во Битола, од 16 часот се среќаваат Пелистер и Силекс. Домаќинот има грижи за опстанок, додека Силекс се обидува да фати приклучок за излез во Европа.

