Ракометарите на Металург и Вардар од 20.15 часот во „Борис Трајковски“ ќе го одиграат својот втор меѓусебен дуел сезонава во регионалната СЕХА-лига. Домашните велат дека Вардар е фаворит, но нема да се предадат однапред.
„Ќе играме со една од најдобрите четири екипи во Европа. Двајца играчи на Вардар чинат колку целиот буџет на Металург, но ние 60 минути го оставаме срцето на теренот. Е сега, има ситуации кога толку ни се можностите. Тоа ви е како деца од шесто одделение да тргнат да се тепаат со деца од осмо одделение. Ме радува што одиме по нагорна линија. Нормално дека се појавуваат работи кои не се како што треба. Очекувам битка, не можам да кажам дека не ме интересира резултатот, но поквалитетни се, ќе дадеме сè од себе и очекувам добар резултат, а тоа за мене е победа и од еден разлика“, вели тренерот Данило Брестовац.
Традицијата е на страната на Вардар, кој има седум победи, Металург една, а еднаш било нерешено. На последниот меѓусебен дуел на 29-ти август Вардар победи со 34:28.
На Вардарци им требаат бодовите за да останат во трка за првото место. Вардар е на делба на второто место со Татран и Нексе, но македонскиот тим има и еден меч помалку.
„Во дерби-мечевите сите исходи се можни. Ова е повеќе од обичен меч од регуларната сезона. Очекувам добра атмосфера и се надевам дека сите навивачи ќе уживаат во натпреварот. Одлично е што Скопје има два добри ракометни тима“, изјави тренерот на „црвено-црните“, Роберто Парондо.