Ракометниот клуб Вардар ја забележа и седмата победа по ред во Суперлигата на Македонија, а денеска повеќекратните шампиони ја декласираа Струга со 36:23.
Уште од стартот Црвено-црните најавија сигурен триумф, седми по ред, а по предноста од 10:3, малку го намалија темпото, па Струга намали на 15:11.
Сепак, следуваше нова офанзива на фаворитот и на полувреме беше 20:11 за Вардар.
Во второто полувреме Црвено-црните играа претежно со резерви, односно со ракометари што помалку добиваат шанса, а сите заедно се радуваа на победа од 13 гола разлика.
Еден од резервистите, Давид Савревски, беше и најефикасен на мечот со 7 гола, уште еден од играчите од клупата, Милан Лазаревски е веднаш зад него со шест погодоци.
Ист број на погодоци како најефикасни ракометари кај Струга беа Бугариновиќ и Цветановски.
Вардар има 21 бод на чело на табелата и е единствениот клуб во А групата со максимален учинок и без пораз.