Екипата на ФК Вардар официјално започнa со подготовките за пролетниот дел од сезоната. Клубот објави дека шефот на стручниот штаб Гоце Седлоски на располагање има 25 фудбалери, а во тек се преговори за уште три значајни засилувања.
Подготовките ќе се одвиваат во два дела. Првиот во тренинг центарот на ФК Вардар до 16-ти јануари, а од 18-ти јануари фудбалерите ќе имаат тринеделни подготовки во Анталија, Турција, на кои ќе се одиграат шест пријателски натпревари.
Навивачката група Комити објави дека не им бил дозволен влез, а забранат добиле и членови на маркетинг тимот на клубот, па во знак на револт, ги повикаа сите нивни членови и навивачи на клубот да дојдат пред тренинг кампот во Хиподром на протест.
Комити најавија блокада на тренинг центарот, нема да дозволат влез и излез додека не се испочитува договорот потпишан помеѓу Здружението „35 години Вардарци“ и сопственикот Атила Бижен Жалили!
„Денес од страна на извршниот директор Миленко Неделковски, беше денесена одлука со која се забранува влез на официјалните лица на Маркетинг тимот на клубот, спротивно на договорот потпишан помеѓу ‘здружението 35 години Вардарци‘ и сопственикот Атила Бижен Жалили“, објавија Комитите на Фејсбук.