Вардар славеше над ГРК Охрид со 33:31 во едно од двете дерби средби во третото коло на ракометното првенство на Македонија. Црвено-црните имаат перфектни три победи, додека за ГРК Охрид ова е прв пораз, а претходно имаа и по една победа и реми.
Уште од самиот почеток беше најавено дека ова ќе биде неизвесен дуел. Резултатот беше 5:5, а потоа Вардар заигра многу подобро и стигна до 10:7 во 17 минута. Гостите побараа тајм-аут и тоа вроди со плод затоа што охриѓани влегоа во ритам и со серија од 3:0 израмнија на 10:10 во 20 минута.
Потоа следуваше тајм-аут за Вардар, па Црвено-црните заиграа подобро и на полувреме заминаа со предност од 17:15.
Во второто полувреме Вардар ја одржуваше предноста од еден до три гола. Во 43 минута домаќините водеа со 24:22, а на точно 10 минути до крајот Црвено-црните имаа предност од 28:25. Сепак, гостите не се предадоа и во 56 минута израмнија на 31:31.
Во последните четири минути сепак поприсебни беа вардарци и на крајот стигнаа до победа од 33:31.
Во вториот меч кој се одигра денеска, Бутел го победи Прилеп со 35:30. Утре ќе се игра и второто големо дерби од ова коло. Во салата во Автокоманда, Алкалоид ќе биде домаќин на шампионот Еурофарм Пелистер.