9.8 C
Skopje
вторник, 18 ноември 2025

Вардар го победи Кристијанштад и сега Црвено-црните се лидери на табелата

Вардар покажа сила и квалитет, па очекувано славеше над Кристијанштад со 35:30 во меч од четвртото коло во Европската ЕХФ лига. За Вардар ова е трет триумф и со 6 бода е нов лидер на табелата, пред Кристијанштад, кој остана на пет бода. Во оваа група од 20:45 часот Тулуз (без бодови) ќе го пречека Сесвете, кој има три бода.

Почетокот во салата „Јане Сандански“ беше во знакот на гостите од Шведска, кои поведоа со 3:1, 4:2, а потоа и со 5:4. Вардар брзо влезе во добар ритам и со серија од 3:0, домаќините поведоа со 7:5.

Највисоката предност во првиот дел Црвено-црните ја имаа во 15-тата минута, кога водеа со 10:7, но Кристијанштад брзо се врати само на еден негатива (11:10). До крајот на првото полувреме Вардар постојано водеше, но ниеднаш не повеќе од два разлика, а на полувреме замина со минимална предност од 17:16.

На почетокот на второто полувреме Вардар повторно дојде до три позитива, кога во 35-тата минута на семафорот стоеше 20:17. Гостите повторно се вратија и израмнуваа на 21:21 и 22:22 во 43-тата минута. По ова реми, следуваше клучниот период за победата на Вардар.

Црвено-црните со одлична игра во одбраната и прецизни напади со серија од 5:0 стигна до 27:22 во 49-тата минута. Вардар водеше и со 29:24, а потоа и со 31:26 во 54-тата минута, па до крајот рутински ја сочува предноста и стигна до посакуваната победа.

Во редовите на Вардар во нападот блесна Хориха, кој беше прв стрелец со девет гола, додека во одбраната царуваше голманот Валах со 15 одбрани. Во следното коло Вардар на 25 ноември ќе гостува кај Сесвете во Хрватска.

- Оглас -

Најнови вести