Вардар го победи Пелистер во Битола и сега титулата е поблиску до Скопје

Ракометарите на Вардар одиграа одличен меч и славеа во Битола против Еурофарм Пелистер со 26:23 во дербито кое може да биде и решавачко за титулата во првенството на Македонија. Со оваа победа Вардар стигна до 23 бодови, еден повеќе од Пелистер, па сега вардарци се први на табелата. До крајот на првенството остануваат уште три кола и доколку Вардар не дозволи некој неочекуван кикс, титулата од домашното првенство ќе остане за тимот од „Јане Сандански“ во Скопје.

Од почетокот до крајот беше драматично и неизвесно на теренот во Битола. Пелистер добро отвори и имаше минимална предност, но по водството на битолчани од 6:5, следуваше серија од 4:0 на Вардар и Црвено-црните поведоа со 9:6 во 20 минута. Гостите водеа и со 10:7, но потоа Пелистер заигра многу подобро и до крајот на првото полувреме стигна до 11:11.

Во вториот дел беше јасно дека ниту еден од двата тима нема да може да направи поголема предност. Најчесто се играше гол за гол на двете страни, па во 50 минута резултатот беше нерешен 21:21, што беше најава за драматична завршница.

На шест минути до крајот беше 22:22, а потоа следеа три гола за Вардар и во 58 минута беше 25:22 за гостите. Пелистер даде гол за 23:25, а во нападот со кој битолчани можеа да намалат на еден разлика, Борко Ристовски одбрани и стави крај на сите желби на гостите.

Вардар сега е во пол позиција да стигне до 10-тата титула во последните 17 години, а за Пелистер останува надежта дека може во последните три кола да направат пресврт на табелата и да се израдуваат на првиот шампионски пехар по пауза од 2005 година.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести