Специјално од Сан Марино, Трајан Маневски
Вардар губи со 1:0 од Ла Фиорита, по првото полувреме на гостувањето во Сан Марино. Ова е неочекуван резултат ако се знае дека Вардар на првиот меч победи со 3:0 и имаше целосна доминација.
Вечерва сепак не е така, барем по првите 45 минути. Тимот од Сан Марино поведе по нецели 10 минути игра. Фудбалерите на Ла Фиорита беа во напад, кога искусниот Ненад Мишковски играше со рака и судијата Џонс од Велс досуди пенал за домаќините.
Бразилецот Жоао Фелипе беше играчот кој ја презема одговорноста да го шутира ударот од белата точка и не згреши.
Ла Фиорита поведе со 1:0, а Вардар иако има теренска иницијатива и повеќе од две третини ја има топката во своите нозе, а првата и единствена голема шанса за израмнување Црвено-црните ја пропуштија во 42 минута кога капитенот Горан Закариќ шутираше од далечина, но ја погоди пречката од голот на домаќините.
Единствено добро е тоа што Вардар во Сан Марино допатува со залиха од три гола па уште е во пол-позиција за пласман во следната фаза од Конференциската лига на УЕФА.