Екипата на Вардар и 20-ти натпревар по ред не успеа да ја победи Шкендија. Катастрофалната низа на скопските „црвено-црни“ против тетовски трае од 2017 година, односно речиси осум години.
Шкендија со победа од 1-2 си заминува од Скопје, иако Вардар беше далеку поконкретен на тревникот, но новиот лидер на табелата знаеше како да дојде до победата. Тетовци дојдоа во водство преку Бесарт Ибраими, додека Вардар израмни преку Закариќ од пенал. Победата за Шкендија ја донесе Фабрис Тамба во 76-тата минута.
Вардар со поразот од Шкендија падна на последната позиција на табелата со 13 поени, колку што има и Беса, но „црвено-црните“ имаат полоша гол-разлика.
Лидерското трио се распадна ова коло, со оглед на тоа дека победи само Шкендија. Силекс неочекувано одигра само 1-1 на домашен терен против Тиквеш, додека Работнички загуби на „Чаир“ од Шкупи со 2-0.
Резултати:
Вардар – Шкендија 1-2
Силекс – Тиквеш 1-1
Шкупи – Работнички 2-0
Гостивар – Струга 1-0
Пелистер – Брера 0-0
Воска – Беса 2-0