Викендов нема да има возбудувања во македонскиот фудбал и тоа е поради локалните избори кои се одржуваат утре низ цела Македонија. „Бубамарата“ ќе продолжи да се тркала низ македонските терени веќе во вторник и среда (21 и 22 октомври), за кога се закажани пет меча од осминафиналето на Купот на Македонија.
Според распоредот, Вардар и Работнички се домаќини, но сепак, овие два тима нема да имаат можност своите мечеви да ги играат на Арената „Тодор Проески“. Причина за тоа повторно е теренот, кој треба да биде „заштитен“ во следните неколку денови и да биде подготвен за дуелот што Шкендија ќе го игра в четврток во рамките од лигашката фаза во Конференциската лига на УЕФА.
Шкендија треба да го угости Шелбурн од Ирска во рамките од второто коло на Конференциска лига, па затоа во следните неколку денови Арената „Тодор Проески“ ќе се „шминка“, а теренот да биде заштитен, посебно во денови кога врне дожд и многу лесно може дополнително да биде оштетен.
Затоа, Куп пресметките на Вардар и Работнички како домаќини ќе ги играат на алтернативни терени. Работнички во вторник ќе биде домаќин против Брегалница на стадионот во Автокоманда, додека Вардар ден подоцна својот меч како домаќин против Новаци ќе го игра на теренот на Фудбалската федерација на Македонија.