Битката за титулата во македонското фудбалско првенство продолжува денеска со мечеви на кои домаќини ќе бидат Вардар и Шкендија. Актуелниот лидер Вардар на арената „Тодор Проески“ од 15:30 часот ќе игра против Македонија Ѓорче Петров. Два часа претходно, во Тетово, Шкендија ќе биде домаќин на Пелистер.
Вардар и Шкендија имаат по 58 бодови и најверојатно ќе водат битка до последно коло за шампионскиот трофеј, а денеска се фаворити да освојуат три бодови пред своите навивачи. Македонија Ѓорче Петров има само 23 бодови и е на деветото место на табелата, а овој тим има и три порази по ред. Пелистер има 22 бодови и е на 10-тото место.
Кога играат Вардар и Македонија ЃП на четири од последните пет меѓусебни пресметки бил постигнат само еден гол, што е најава дека не треба да има многу погодоци.
Шкендија пред само еден месец на свој терен со 2:1 го победи Пелистер и тетовци сега повторно ќе атакуваат на три бодови. Традицијата вели дека Шкендија има седум победи и две нерешени во последните девет пресметки со битолчани.


