Денеска започнува разврската во Купот на Македонија, каде што на програмата се првите мечеви од полуфиналето. Вардар и Шкендија се домаќини на Брера, односно Струга Трим-Лум, а според коефициентите, но и според актуелната форма, улогата на фаворити е на страната на домаќините.
Вардар веќе осум меча не знае за пораз (пет победи и три ремија), додека Брера игра очајно и има шест порази во деветте дуели кои ги одигра во 2025 година. Последниот пораз на струмичани беше на свој терен само пред четири дена, и тоа токму од Вардар со 0:2, па следуваше тренерска смена на клупата на Брера.
Шкендија ќе игра дома, но пред празни трибини поради казната на тетовци поради непримерното однесување на нивните навивачи кои не дадоа минута почит за настраданите во Кочани.
И без поддршката на своите фанови, Шкендија е фаворит за победа. Дополнителен мотив за тетовци ќе биде да ѝ се реваншираат на Струга Трим-Лум, која има три победи и едно реми во последните четири меча со овој ривал. Струга минатата сезона токму на теренот во Тетово стигна до титулата во првенството и сигурно гостите и сега ќе сакаат да изненадат.