Вардар и Силекс остварија минимални победи

Вардар го победи Работнички со 1-0 во натпреварот од 27.коло во Првата фудбалска лига. Стрелец на победничкиот гол беше Стефан Цветковиќ од слободен удар во 23.минута од мечот. Силекс исто така славеше против Башкими со 1-0.

Градското дерби не донесе пеколно темпо, но, сепак, двете екипи создадоа доволно шанси за да има и повеќе голови.

Во 12.минута, Азер Омерагиќ имаше одлична шанса, но со удар со глава шутираше директно во Ондоа. Претходно, капитенот на Вардар беше непрецизен по корнерот од десната страна.

Вардар дојде во водство во 23.минута. Стефан Цветковиќ одлично изведе слободен удар и со помош на дирекот ја затресе мрежата на Работнички.

Закариќ во 26.минута, упати силен, но непрецизен удар.

До крајот на првиот дел, се закани уште еднаш Закариќ, а Работнички имаше опасен обид преку Сухељ Мухарем во 33.минута, но беше за малку непрецизен.

Во второто полувреме, Зија Мерџани во 52.минута ја имаше најубавата можност за Работнички. Во соло акција надмудри неколку фудбалери по левата страна, шутираше, но Давор Талески го скроти неговиот удар.

Шанси за удвојување на водството имаа и Омерагиќ и Закариќ, но немаше прецизна завршница.

Силекс ја продолжи серијата на победи во ПМФЛ, откако дојде до третата во низа. Во Кратово денеска беше совладан тимот на Башкими со 1-0. Тешката победа на кратовци беше остварена во вториот дел со гол од белата точка, но треба да се напомене дека Силекс имаше многу повеќе од играта и од шансите, а успеа на крајот од пенал да стигне до посакуваните бодови.


Иако првиот дел заврши без голови, имаше многу шанси, особено Силекс кој се закануваше главно преку Додев, но не го најде патот до мрежата.

Првата шанса Додев ја имаше во 6. минута кога директно од корнер упати остра топка во голот, но одбрани Јашар. Истиот фудбалер во 24. минута од лево шутираше, само крај голот. Прилика во 34. минута имаше Алиќ, кој промаши голема шанса по додавање на Тимовски.

Во финишот на првиот дел и Башкими се буди. Рибеиро имаше две шанси, ама неговите обиди ги одбрани Џеков.

Во 43. минута Додев додаде до Алиќ кој шутираше само крај голот, а последната прилика во првиот дел ја имаше Мирчевски кој беше изблокиран, а топката оди за малку крај голот.

Иницијативата на Силекс продолжи и во вториот дел. Во 49. минута по нафрлувањето на Тимовски, за малку Травали ќе си постигнеше автогол, па мораше да интервенира и Јашар во корнер. Шанса за домашниот тим и во 54. минута откако Пиреш со глава по изведен корнер се обиде за малку над пречката.

Силекс можеше да поведе и во 63. миута откако имаше двојна шанса. Најпрво Мишов се обиде по асистенција на Ефтимов, меѓутоа одбрани Јашар. Во истата акција Анѓелески упати удар од 25 метри, но топката ја затресе пречката.

Во 66. минута шанса за Силекс, Алиќ излегува сам пред голот, а Личина стартува од позади и добива црвен картон, а кратовци имаат шанса од пенал да дојдат до предност. После ВАР проверките, пеналот и црвениот картон беа потврдени, а во 68. минута Додев погоди од белата точка за Силекс, конечно, да дојде до водство.

Силекс нападна и за втор гол, а во 78. минута по една долга акција Ефтимов во завршницата шутираше непрецизно и само над голот. Тоа беше и последната шанса на натпреварот кој го добива домашниот тим, и ја продолжува битката за третото место на табелата.

- Оглас -

Најнови вести