Ракометарите на Вардар само 48 часа по триумфот над Порто во Лигата на шампионите, имаат нов предизвик, повторно на домашен терен, а тоа е победа во СЕХА Газпром лигата против хрватскиот вицепрвак Нексе.
Традицијата во меѓусебните дуели на Вардар и Нексе е на страната на скопскиот тим. На сите досегашни мечеви одиграни во Скопје од 2013 година, па досега победувал Вардар.
„За нас победата е најважна и е приоритет. Сакам овој пат, за разлика од мечот со Порто, кој беше исцрпувачки, да играат повеќе ракометари. На вакви средби и помладите можат да добијат шанса. Сакам да ги пробам и сите пивоти, но и сите ракометари на другите позиции. Се надевам дека сите ќе имаат можност, но тоа ќе зависи од текот на натпреварот и од резултатот. Имаме тежок распоред и треба да играат сите“, рече тренерот Давид Писонеро.
Сезонава во СЕХА, Нексе двапати беше поразен, а Вардар настапи еднаш, и победи.
„Нексе загуби во првите два меча, но не е наивен тим. Тие се секогаш незгоден ривал за нас. Нашите дуели секогаш биле тешки и со тесен резултат. Ние сме фаворити и мораме да се носиме со таа улога. Очекувам да биде тешко, Нексе има желба за да се рехабилитира за првите два порази. Кога имаш натпревари секој трет ден, мораш да ротираш”, вели крилото Тимур Дибиров.