Спортманија во Раденци
Вардар и Олимпија Љубљана играат контролен меч во Раденци, Словенија, а на трибините има и македонски навивачи.
Благој и Иван се Македонци кои повеќе од една деценија живеат во Љубљана, но секогаш кога има македонски тим или репрезентација да игра во близина, не пропуштаат шанса да дадат поддршка на нашите. Така е и денеска, со македонско знаме во рацете навиваат за Вардар.
„Кога се работи за Македонија и наши клубови секогаш кога можеме даваме поддршка. Во јануари оваа година бевме и на ракометното првенство во Вараждин, Хрватска. Дознавме дека Вардар денеска игра со Олимпија и едноставно не сакавме да ја пропуштиме шансата да дадеме поддршка”, во еден глас велат Иван и Благој.
Иван кој живеел во Охрид и Благој кој е од Гевгелија, велат дека воопшто не им било проблем да возат еден и пол час и денешниот ден од викендот да го искористат да го бодрат Вардар.