Вечното фудбалско македонско дерби се игра вечерва од 20:30 часот во Битола. Стадионот „Петар Милошевски“ ќе биде мегданот каде што најголемите ривали ќе истрчаат со иста желба, а тоа е да се победи. Иста е желбата, но различни се целите на двата тима.
По 25 одиграни меча, Пелистер е на деветото место со 25 бода и до крајот на сезоната ќе има една цел, а тоа е да се спаси од испаѓање. Од друга страна, Вардар е со шампионски амбиции. Црвено-црните се лидери на табелата со 61 бод и освојувањето нови три бода ќе биде голем чекор кон посакуваната цел.

Пелистер сезонава дома има три победи, пет ремија и четири порази. Вардар во ноември победи во Битола со 2:1, а ако се погледат последните пет меѓусебни дуели, скопјани се со четири победи, а Пелистер се радувал еднаш.
Пред вечното дерби во Битола ќе има пресметка на арената „Тодор Проески“ меѓу Работнички и Шкендија. Тетовци се актуелни прваци и фаворити на овој меч, но не треба да се заборави дека Работнички игра одлично во пролетниот дел. Романтичарите наредија шест победи во последните седум кола, па сега има 25 бода и ги врати шансите дека може да се спаси од испаѓање. Традицијата вели дека Шкендија има пет победи и две нерешени во последните седум меча со Работнички, но формата на тимот од Дебар Маало најавува дека може да биде многу возбудливо денеска.

