Барселона втор пат за помалку од една недела го совлада Вардар во меч од ракометната Лига на шампиони. ПО триумфот во Скопје од четири гола разлика, овојпат каталонците, во својата „Палау Блауграна“, беа многу поубедливи и на крајот резултатот беше 34:26.
Со овој пораз, Вардар падна на четвртото место во групата. Со 10 бодови, Вардар има исто колку и Рајн Некар, додека Кјелце има 12, а Барселона е лидер со 14 бодови.
Високиот пораз на Вардар во каталонската престолнина не одраз на се тоа што се случуваше на теренот. Нашиот првак започна одлично против фаворитот и во ниту еден момент не му дозволи да се надева дека ќе стигне до предност во првите неколку минути. Вардарци со храбра игра дури во поголемиот дел од првото полувреме имаа и предност. Кога на семафорот стоеше 7:5, тоа беше единствен пат скопјани да имаат позитива од два гола. Предноста на македонскиот првак беше се до пред крајот на првиот дел, кога водеа со 14:13. Сепак, со серија од 3:1, Барселона на полувремето замина со водство од 16:15.
Во вториот дел се започна со по еден погодок на двете страни. Потоа Тимур Дибиров имаше зицер за израмнување, но промаши. Е од тој момент Вардар едноставно како да застана да игра. Барселона со серија од 7:0 стигна до 24:17. Mногу брзо потоа Барса изгради и двоцифрена предност и поведе со 28:18 во 47 минута. До крајот сè беше јасно па последните 10-тина минути беа само формалност.
Следниот меч Вардар го игра на 24 ноември и тоа на гости кај Мешков Брест кој по осум дуели има само две победи и шест порази.