Вардар ја има најдобрата одбрана во Лигата на шампионите

Вардар и сезонава се истакна како екипа на која најтешко се дава гол. Во претходните сезони Вардар го красеше одличната игра во одбраната, а тоа се случува и оваа сезона, иако составот е доста променет, „црвено-црните” повторно господарат пред сопствениот гол.

На четири натпревари во Лигата на шампионите, Вардарци забележа исто толку победи, а примија само 101 гол. Тоа е најдобро остварување од сите екипи во двете групи. Под 110 голови досега се само уште ПСЖ (105) и ПИК Сегед (106), но и двата тима се наоѓаат во групата Б. Исто така, Вардар ја има и третата најдобра гол-разлика меѓу екипите од двете групи, со „плус 15″.

Групата А, каде што настапува Вардар, ја нарекуваат и „група на смртта” бидејќи настапува актуелниот европски првак Монпелје и плус уште три поранешни европски прваци: Барселона, Кјелце и Вардар, додека во групата се и Рајн-Некар, Веспрем и Кристијанштад.

„Црвено-црните” остварија изненадување уште на стартот со триумфот на гостински терен кај европскиот првак Монпелје, 27-24. Потоа следуваше лесната победа над Кристијанштад со 33-25 пред домашна пупблика. Сезонава Вардар првпат успеа да триумфира на гостински терен кај Веспрем со конечен исход од 27-25, а потоа во Скопје беше победен и Рајн-Некар со 29-27, мечот кој беше избран за дуел на четвртото коло во ЛШ.

Следен предизвик за Вардар е тешкото гостување кај Кјелце, средбата која е закажана за во недела, 14-ти октомври, а потоа во СЦ „Јане Сандански“, на трети ноември доаѓа Мешков Брест.

- Оглас -

Најнови вести