25.8 C
Skopje
среда, 6 август 2025

Вардар ја спаси честа на македонскиот фудбал, само седум земји немале учесник во групите во европските купови

Екипата на КИ Клаксвик вчера испиша историја, стана првиот тим од Фарски Острови кој обезбедил пласман во групната фаза во некој од европските купови. Сега само седум земји немаат свој тим кој играл во групна фаза на некој од европските купови, а Вардар ја спаси честа на Македонија.

КИ Клаксвик вчера го елиминира шведскиот шампион Хакен по подобро изведување пенали и обезбеди пласман во третото квалификациско коло во Лигата на шампионите. Доколку биде елиминиран од норвешкиот Молде во следната рунда, КИ Клаксвик ќе продолжи во плејоф-рундата за пласман во Лигата на Европа и доколку биде елиминиран таму, ќе биде дел од групната фаза во Лигата на конференции.

Досега само седум земји немале свој тим кој играл во групната фаза во некој од европските купови, а тоа се: Босна и Херцеговина, Сан Марино, Андора, Лихтенштајн, Црна Гора, Малта и Северна Ирска.

Честа на Македонија ја спаси најтрофејниот фудбалски колектив, Вардар, кој во 2017 година играше во групите во Лигата на Европа.

Црвено-црните европската сезона 2017/18 година ја започнаа во второто квалификациско коло за пласман во ЛШ, кога го елиминираа Малме (3:1,1:1), но во третото коло беа елиминирани од Копенхаген (1:0,1:4) и настапот го продолжија во плејофот за пласман во Лигата на Европа.

Во плејоф-двомечот, Вардар беше подобар од Фенербахче остварувајќи две победи (2:0,2:1) и обезбеди пласман во групната фаза. Црвено-црните беа дел од групата Л заедно со Реал Сосиедад, Зенит и Розенборг и настапите ги завршија со пет порази и реми од 1:1 против норвешкиот тим.

- Оглас -

Најнови вести