Ракометарите на Вардар победнички се враќаат од гостувањето кое беше незгодно за нив претходните години и каде загубија две титули. „Црвено-црните“ со убедливи 24-35 славеа над Тиквеш и ја зголемија предноста на +8 во однос на актуелниот шампион Еурофарм Пелистер, кој има и меч помалку.
Победникот беше одлучен уште во првото полувреме, откако Вардар на паузата замина со убедливи 11-17, а во вториот дел предноста беше зголемена за дополнителни пет гола разлика.
Убедлив триумф забележаа и ракометарите на Алкалоид, кои водат битка за третото место со Охрид, па можеби и со битолчани за второто. Избраниците на Кирил Лазаров победија со 21-37 на гостувањето кај Бутел, а победата беше обезбедена со неверојатната серија од 12-0 на почетокот на второто полувреме, откако првиот дел го добија со минимални 15-16.
На табелата води Вардар со 50 бода, пред Еурофарм Пелистер со 42, додека Алкалоид и Охрид имаат по 40, со напомена дека битолчани и охриѓани имаат по еден натпревар помалку од скопските ривали.

