Вардар ќе урне многу планови на ривалите – Најтрофејниот клуб е блиску до спас и лиценца за Европа

Вардар најави добра вест за својата армија симпатизери и денеска се очекува да бидат подмирени сите долгови, во износ од околу 2 милиони евра, за да може клубот да добие лиценца за настап во Европа.

Во трка со времето за спас и на клубот, можно е да се побара и да се добие продолжување на рокот до петок, иако денеска е денот на одлука за најтрофејниот и најпопуларен македонски клуб.

Ситуацијата не е розова, но постојат и најави и оптимизам дека долгот ќе биде подмирен. Вардар е лидер на табелата во Првата лига со огромна предност од 10 бода пред Силекс и 11 од актуелниот првак Шкендија и е на прагот на нова титула, но има големи финансиски проблеми.

Сергеј Самсоненко објави дека си заминува, па клубот е повторно под владение на Град Скопје. Оттаму се бара начин како да се спаси македонската фудбалска гордост, иако претходниот сопственик најави дека ќе си ги подмири долговите и сите обврски кон Вардар.

Во случај акцијата да не успее, тогаш Вардар втора година по ред нема да игра во Европа, а ќе се соочи со големи проблеми и можни казни и на домашна сцена, но од УЕФА.

Во евентуална ваква варијанта и во случај да не се доигра првенството, можно е Силекс да игра во квалификациите за Лигата на шампионите, што би им донело добивка од околу еден милион евра на кратовци. Тогаш би дошло до поместување и на останатите наши претставници во еврокуповите, а Шкендија сигурно би играла во квалификациите за Лигата на Европа, додека свои планови имаат и Ренова, Шкупи и Македонија Ѓорче Петров.

- Оглас -

Најнови вести