22.8 C
Skopje
сабота, 23 август 2025

Вардар киксираше против Брера, одигра само 2:2 во Скопје

Вардар киксираше на домашен терен и одигра само 2:2 против Брера во меч од третото коло во Прва фудбалска лига на Македонија. По ова реми Вардар сега има седум бодови, додека за Брера ова беше прв освоен бод во новото првенство.

Гостите имаа јасен план, да се бранат и преку брзи контра напади да го загрозат голот на Вардар и на крајот тоа им се исплатеше. Се играше 15 минута кога Нзенгуе искористи еден кикс на одбраната на Вардар и ги доведе гостите во водство од 1:0.

Само четири минути подоцна, Вардар израмни преку Мато со шут од далечина. Домаќините продолжија да напаѓаат, но Брера даде втор гол. Ивановски од својата половина тргна во контра напад и како брз помина покрај Фаустин, а потоа мајсторски го матираше голманот Талески.

Во второто полувреме, целосна доминација на Вардар, но гостите одлично се бранеа. Капитенот Закариќ промаши одлична шанса во 84 минута кога биеше од близина над голот.

Израмнувањето стигна во 88 минута. Голманот на Брера истрча од својот шеснаесетник да исфрли една топка, но таа стигна до Мато, кој од 35-тина метри шутираше и ја погоди празната мрежа за 2:2.

До крајот на дуелот Вардар настојуваше да даде и трет гол, но гостите од Струмица се одбранија и на крајот средбата заврши нерешено.

- Оглас -

Најнови вести