Вардар на гости во Брест, Металург го пречекува Силкеборг

Вардар и Металург денес се соочуваат со нови предизвици во ракометната Лига на шампиони. „Црвено-црните“ гостуваат кај секогаш непријатната екипа на Мешков Брест, додека Металург на свое тло го пречекуваат тимот на Силкеборг. Овие средби се шанса за двете екипи да стават крај на своите „мини-црни“ серии.

Пред двата тешки порази од Барселона, Вардар на домашен терен се радуваше на убедлива победа над Мешков, па токму против овој тим имаат шанса да се вратат на победнички патеки. „Црвено-црните“ речиси две години чекаат на триумф во Брест во рамките од СЕХА лигата и ЛШ. Последен пат тоа им успеа во декември 2016 година, во меч од регионалната лига.

И Мешков не е во посакувана форма. Четири порази на последните пет меча во сите конкуренции значи дека има доста проблеми во таборот на белорускиот тим, а сето тоа треба Вардар да го искористи. Мечот од 9. коло се игра во 15 часот.

Првата победа во ЛШ над Чеховски медведи требаше да значи почеток на еден подобар Металург, но, избраниците на Данило Брестовац одново западнаа во проблеми, со три последователни порази. Два од Бешикташ и Спортинг во европското натпреварување, како и претходно загубениот меч против Стеауа во СЕХА лигата.

Денес, на свој терен го пречекуваат тимот на Силкеборг, лидерот во групата Ц. Екипата од Автокоманда е во позитива од 2-1 во меѓусебните дуели против данскиот состав, но при првата овосезонска средба, Металург беше декласиран со 33-25. Во 17:30 часот, Металург ќе има шанса да ги расчисти сметките.

 

- Оглас -

Најнови вести