Работнички – Шкупи и Струга Трим Лум – Вардар се денешните два меча од Првата македонска фудбалска лига и двата се многу важни од различен аспект.
На дуелот во Скопје, Работнички кој е претпоследен, мора да го победи младиот тим на Шкупи на кого му нема спас од испаѓање, и да ја извојува својата втора победа по ред, со што колку-толку би ги задржале шансите за опстанок, иако ситуацијата на дебармаалци е крајно драматична и имаат огромно заостанување од безбедната зона на табелата.
Дербито е во Струга каде гостува лидерот и непоразениот Вардар. Црвено-црните атакуваат на титула, а до пред три кола токму Струга им беше главен ривал за првото место. Но, стружани освоија само еден бод во пролетните три рунди, и сега се на девет бода минус во однос на Вардар, па паднаа на трето место.
Вардар победи на своето последно гостување во Струга, но есеноска во Скопје, вардарци со гол во 92-ра минута се спасија од пораз против денешниот противник, што е најава за интересен дуел на кој и Шкендија со голем интерес ќе го следи расплетот.

