Вардар со убедливи 3-0 славеше над Силекс во мечот од седмото коло во ПМФЛ и изби на лидерската позиција со 16 бода. Фудбалерите на Васоски воедно ја запишаа петтата победа во низа која им овозможи да преноќат на врвот на табелата.
Трите бода беа осигурани уште во првите 45 минути, откако Црвено-црните имаа фуриозни дваесетина минути во кои постигнаа три гола, а стрелците беа Жунињо, Аврамовски и Мицевски.
Голема заслуга за исчекорот на Вардар има Шкупи. Чаирскиот тим ремизираше без голови на гостувањето во Струмица кај Академија Пандев, додека Пандевци веќе втор меч во низа не можат да постигнат гол во македонскиот шампионат.
Актуелниот првак Шкендија со головите на Радески (8‘) и Ибраими (59‘) рутинирано славеше против Струга Трим лум, а претходно Ренова минимално славеше на гостувањето кај Македонија Ѓ.П. благодарение на голот на Адеми во 50-тата минута.
Табела ПМФЛ по седмо коло:
- Вардар 16 бода
- Академија Пандев 15 бода
- Македонија Ѓ.П. 11 бода
- Шкендија 10 бода
- Ренова 10 бода
- Шкупи 9 бода
- Струга Трим лум 8 бода
- Работнички 7 бода
- Силекс 6 бода
- Борец 5 бода