Вардар немаше сили за нова победа, па убедливо загуби на гости кај Мелсунген

Ракометарите на Вардар после убедливата победа на домашен терен над Валур во Лигата на Европа, вечерва во Германија го доживеаја и првиот европски пораз оваа сезона. „Вардарци“ беа далеку од квалитетот на бундеслигашот Мелсунген, кој на крајот се радуваше на убедлива победа од 34-18.

„Црвено-црните“ се што успеаја да направат на овој натпревар е да израмнат на 1-1 на самиот старт од мечот, а од тогаш па се до последниот свиреж на судиите, на теренот доминираше екипата на Мелсунген. Домашните во првото полувреме трипати направија серија од по 4-0, па заслужено на паузата заминаа со водство од 17-10.

Оние 4-0 од финишот на првиот дел, беа надоградени со уште 4-0 на стартот од второто полувреме, па серијата на Мелсунген беше 8-0 за водство од убедливи 21-10. И во продолжение од мечот предноста на домашните растеше се до конечните +16 за Мелсунген.

Младен Крсманиќ со четири гола беше најефикасен кај Вардар, додека Милан Лазаревски и Ашраф Маргели по трипати ја погодија противничката мрежа. Сега за Вардар следува двомеч против Порто, најпрво на домашен терен на 22-ти октомври, а седум дена подоцна и на гостински терен.

- Оглас -

Најнови вести