Специјално од Римини,
Трајан Маневски
Вардар во полноќните часови пристигна во Сан Марино, земјата која по бројот на жители е помала од која било општина во Скопје. Доцнењето на авионот од два часа, плус дополнителнот пат со автобус малку ги наруши првичните планови на Вардарци, кои сепак стрпливо чекаа да пристигнат на зацртаната дестинација, а од денеска да ги започнат последните подготовки пред реваншот кој се игра в четврток.
Само со 33.000 жители , Сан Марино сепак има три преставника во европските купови летово. Една од екипите која е на европска сцена е и Ла Фиорита, која е противникот на Вардар во првото коло од квалификациите во Конференциската лига на УЕФА.
Сан Марино не е фудбалска земја, а тоа го потврдува и фактот дека е на последното 210-то место на ранг-листата на репрезентации на ФИФА. Сепак, кога се работи за клупскиот фудбал, Ла Фиорита се најде во групата носители, додека Вардар беше како неносител.
Црвено-црните прифатија првиот меч да го играат дома и одлично си ја завршија работата. Победија со 3:0 и сега в четврток ќе треба само да потврдат дека се многу подобар тим од Ла Фиорита.
Во долгата европска историја на Вардар, Црвено-црните реално никогаш не гостувале кај послаб ривал. Многу често Вардар и немал среќа во ждрепките, па морало да игра со многу посилни ривали за да оди чекор напред во Европа.
Сега среќата во ждрепката се насмевна, па мислите полека ќе се насочуваат и кон Лозана, швајцарскиот тим кој го чека подобриот од двомечот меѓу Вардар и Ла Фиорита.
Вардар е подобар, Вардар тоа треба да го покаже и на терен против ривалот од Сан Марино, а со тоа да се потврди и новата парола која го краси тимскиот автобус кој ги пречека фудбалерите по слетувањето во Болоња.