Вардар одигра нерешено 31:31 на гостувањето кај Мешков Брест во 9. коло од ракометната Лига на шампиони. Македонскиот првак на овој меч покажа дека никогаш не се предава, а тоа на крајот беше наградено со реми и еден освоен бод од тешкото гостување.
Летонецот Криштопанс беше перфектен со осум гола од осум шута, а по пет погодоци дадоа Тимур Дибиров и Кристијан Дизингер. Посебно значаен беше последниот гол на Дисингер, кој погоди на 10 секунди до крајот на мечот за израмнување.
Во текот на целото прво полувреме се водеше речиси израмнета борба. Мешков најчесто беше во предност, но таа не беше повеќе од два гола. Во 23 минута Вардар израмни на 9:9, а четири минути подоцна за прв пат поведе со 12:11. Сепак, домаќините во финишот на првиот дел успеаа да заминат со минимално водство од 14:13.
Во второто полувреме Мешков започна подобро и во 33 минута за прв пат поведе со три разлика (16:13), а потоа беше и 18:14 (35 минута) за домаќините. Вардар со серија од 4:1 стигна до 19:18 во 40 минута и покажа дека нема да се предаде.
Судиите потоа доделија директен црвен картон за вардаровиот играч Калараш во 42 минута и следуваа минути во кои доминираше белорускиот првак. Во 47 минута домаќините стигнаа до највисоката предност од 27:21. И по ваква негатива Вардар не се предаде, па само пет минути подоцна, негативата беше намалена на само два гола беше 28:26. Во овие моменти одличен на голот беше голманот Калифа Гебдан.
Од минута во минута Вардар ја намалуваше негативата, па на 40 секунди до крајот стигна до 31:30 и напад за реми. Тренерот Парондо побара тајм-аут, а по договорот, Вардар направи одлична акција по кога Дисингер даде гол на 10 секунди пред крајот за реми.
По девет одиграни меча, Вардар сега има пет победи, едно реми и пораз и со 11 бодови моментно е на третото место на табелата. Во 10. коло македонскиот првак на свој терен ќе игра против Келце на 1 декември.