4.8 C
Skopje
понеделник, 16 февруари 2026

Вардар од бездната до врвот точно за една година!

Во февруари минатата година Вардар беше во многу незавидна ситуација. Тимот се бореше да се спаси од испаѓање, а на 16 февруари играше на арената „Тодор Проески“ против Шкендија.

Во дуелот против големиот ривал Вардар беше под голем притисок да брка бодови, но Шкендија славеше со 1:2. Тоа беше последен пат кога вардаровите фудбалери со наведнати глави си заминаа од теренот на еден меч од домашното првенство.

Потоа Вардар почна да реди победи и по некој нерешен резултат, но пораз не доаѓаше во никој случај. На крајот, Црвено-црните минатата сезона не само што се спасија од испаѓање, туку го освоија и Купот на Македонија и обезбедија излез во Европа, а на првенствената табела завршија на петтото место.

И во новата сезона, односно актуелниот шампионат, Вардар доминира. Во 18 одиграни натпревари, најтрофејниот македонски клуб е со 15 победи и само три нерешени резултати, без пораз. Вчера беше победен Работнички со 3:0, а денеска е точно една година како Вардар нема пораз во домашното првенство и во Купот на Македонија.

Според актуелната ситуација на табелата, Вардар има 48 бода, шест повеќе од Шкендија, додека Струга ТЛ е на третото место со 41 бод. Освен во првенството, Вардар атакува и на одбрана на тронот во Купот.

Следниот предизвик за Вардар ќе биде на 21 февруари, кога на домашен терен треба да игра против Башкими.

- Оглас -

Најнови вести