Најтрофејниот македонски фудбалски клуб, Вардар, сезонава е како прероден. Клубот кој во изминативе неколку години се мачеше како на финансиски, така и на резултатски план, сега е во едно сосема поинакво светло. Тоа посебно го радува извршниот директор на клубот, Миленко Неделковски, кој потенцираше дека „Има разлика“ во работењето со Вардар од минатата сезона и оваа.
Од играчки и резултатски аспект, Вардар сезонава, посебно во пролетниот дел игра одлично. Црвено-црните наредија 17 натпревари без пораз, а колку за споредба, минатата сезона Вардар имаше 14 порази.
Минатата сезона Вардар преку бараж-меч се спаси да не испадне од лигата, а сезонава моментално е на петтото место на табелата. Минатата сезона беа освоени само 37 бода (минус 15 гол-разлика), а сезонава иако првенството не е уште завршено, Вардар веќе има собрано 45 бода (+2 гол-разлика).
Освен разликата во првенствените резултати, Вардар сезонава е на прагот да обезбеди место и во европските купови. Црвено-црните ќе играат во финалето на Купот против Струга ТЛ. Доколку Вардар победи, по неколку години пауза, ќе обезбеди и излез на европската сцена.
Што се однесува до финансиската разлика, таа е повеќе од очигледна. Цели осум години Вардар функционираше со блокирана сметка, а минатата сезона ја заврши со долг од неверојатни пет милиони евра. Сега Вардар е клуб со чиста сметка и без никаков долг.