СпортМанија во Раденци, Словенија
Јуни 2024 година. Вардар со блокирана сметка поради огромниот долг, со неселектиран состав, со амбиции да не се испадне од лигата и без план како ќе се направи сето тоа. Само една година подоцна, еден нов Вардар.
Вардар кој е освојувач на Купот на Македонија, Вардар кој е со европска виза и Вардар кој има план да освои уште многу трофеи во сезони текои следуваат. Тоа се се случи по доаѓањето на новата управа во клубот.
Пред една година, за извршен директор на Вардар беше назначен Миленко Неделковски. Тој заедно со тимот кој го состави и се реши да ги вади „врелите костени“ од клубот, успеаа во зацртаните цели.
„Кога дојдов во Вардар, првично беше најавено дека вклупниот долг е 2,5 милиони евра. Потоа тој долг се зголеми на пет милиони евра, за да на крајот се јавија голем број на доверители кои имаа побарување од Вардар и долгот беше 7,5 милиони евра. Немаше на кој Вардар не должи. Од играчи, луѓе кои биле дел од клубот, па до хотели каде што се престојувало, ресторани каде што се јадело, превозници и кој уште не. Макотрпен беше процесот да се совлада овој голем финансиски предизвик, да с еврати Вардар на стабилни нозе. Но, еве една година подоцна, овој Вардар во споредба со тој Вардар од пред една година е сосема нов свет“, вели Неделковски.
Црвено-црните составија тим кој ќе има шампионски амбиции. Дека целта не е само да се земе пари е и фактот дека летово во клубот пристигнале три понуди за тројца играчи на Вардар, но сите се одбиени.
„Летово добивме понуда за да го продадеме Мато, понуда од Партизан за Талевски од 100.000 евра и понуда од германски Дармштад за Матиќ, но сите тие понуди ги одбивме. Едноставно, важно е Вардар да има квалитетен тим кој ќе може да ги оствари зацртаните амбиции. На чело на екипата го имаме Гоце Седлоски, според мене најдобриот тренер во Македонија во моментов. Тој точно знаеше како да го направи тимот, да создаде ред, работа и дисциплина на потребното ниво. Затоа Вардар ќе продолжи да граби напред во освојување на нови успеси и да носи радост на сите оние кои вистински го сакаат црвено-црниот дрес на најтрофејниот клуб во Македонија“, информираат извршниот директор Неделковски и спортскиот директор Игор Ивановски.
Вардар во Словенија продолжува со подготовките. На 24 јуни ќе одигра контролен меч против Марибор. Потоа следува пријателски натпревар против Рапид Букурешт на 27 јуни, а до крајот на подготовките ќе има уште еден контролен дуел. Од досега одиграното, Вардар со 3:0 го победи Будуќност, а загуби од Олимпија Љубљана со 2:0.