Ракометниот тим на Вардар го остварува тоа што го најави пред крајот на 2025 година. Од таборот на Црвено-црните најавија дека целта им е во составот да донесат македонски ракометари, а сега тоа и го реализираа.
Преку социјалните мрежи, екипата која е лидер во македонското првенство го потврди доведувањето на кадетскиот и младински репрезентативец Бобан Поповски, кој досега настапуваше за тимот на Мулти Есенс во втората лига по ранг во Македонија. Во соопштението на Вардар се вели:
„Вардар потпиша долгогодишен договор со еден од најперспективните млади ракометари во својата генерација, Бобан Поповски, играч кој и покрај младата возраст зад себе веќе има богато искуство и индивидуални и екипни успеси.
Поповски ги направи првите ракометни чекори во екипата на Преспа, по што следуваше развоен период во Алкалоид, каде што настапуваше за младинските и кадетските селекции. Во актуелната сезона тој е дел од Мулти Есенс, настапувајќи за првата екипа во Првата лига, но и како стандарден член на младинскиот и кадетскиот состав.
На репрезентативно ниво, Поповски е кадетски и младински репрезентативец на Македонија. Особено се истакна на квалификациите за кадетското европско првенство, каде што беше најдобар стрелец, потврдувајќи го својот голгетерски инстинкт и лидерски потенцијал.
Во досегашната кариера има освоено трофеј во Пионерската лига, како и во Кадетската лига, а во 2024 година беше прогласен за МВП на Пионерскиот Ф4 турнир. Минатата сезона беше дел од Олстар-тимот на кадетскиот Ф4, а има и трофеј во Младинската лига, што дополнително го потврдува неговиот континуиран напредок“, велат од Вардар.

