Вардар остана без тренер, Михаилов си поднесе оставка!

Горазд Михаилов повеќе не е тренер на Вардар. Ова утрово го соопштија од најтрофејниот фудбалски клуб во Македонија.

„Фудбалскиот клуб Вардар ја известува јавноста дека Горазд Михаилов, досегашниот шеф на стручниот штаб, поднесе оставка на функцијата и повеќе нема да ги предводи црвено-црните.

Горазд Михаилов во клубот пристигна минатата полусезона и успеа да ја исполни главната цел на навивачите и клубот, обезбеди опстанок во ПМФЛ, а покрај тоа оствари и значајни резултати, кои секако дека остануваат да сведочат за професионализмот и посветеноста.

Тој си заминува поради приватни причини, а со раководството на клубот во пријателски однос е постигнато взаемно прифатливо решение.

Во името на клубот, му се заблагодаруваме за ангажманот, за сите победи, но и за тоа што кога беше тешко, застана и ја водеше екипата во најважните предизвици“, стои во соопштението од Вардар.

Пред неполни 24 часа Вардар на арената „Тодор Проески“ го победи Пелистер со 1:0 во дербито на Македонија.

- Оглас -

Најнови вести