Тимур Дибиров е на чекор до магичната граница од 1.000 голови во Лигата на шампионите, а извонредното крило на двојниот европски првак Вардар се надева и на чудо и победа против ПИК Сегед задутре во Сегедин.
Вардар победувал на жешкиот терен во Унгарија, Дибиров знае како е да се слави победа против ПИК Сегед, а задутре се надева на двојно славење.
Досега има постигнато 997 голови и според тоа во каква форма е и според просекот на голови што го има сезонава, речиси е сигурно дека ќе ја мине илјадарката.
„ПИК Сегед е фаворит, но Вардар не оди со бело знаме во Сегедин. Го респектираме унгарскиот ривал, но верувам дека ќе одиграме машки и во тежок натпревар очекувам да се бориме за победа. Ќе биде тешко, но Вардар победувал во Сегедин и нема причина и сега да не одиме на цел плен“, вели Дибиров.
Мечот ќе се игра задутре, од 18,45 часот, во рамките на шестото коло од А групата во Лигата на шампионите.
ПИК Сегед е на четвртото место со 8 бода, само еден помалку од водечкиот тандем Монпелје и Кил, а со ист ефект како Алборг и Елверум.
Вардар е шести со пет бода, пред Загреб со еден бод и Мешков Брест, екипа што има само порази во првите шест кола.