Вардар почна со подготовките, Алушовски ги нема сите играчи на број

Екипата на Вардар започна со подготовките во пресрет на вториот дел од сезоната. Во наредните три недели Црвено-црните ќе имаат по два контролни натпревари против македонски екипи, додека првиот официјален меч во 2021 година е планиран за крајот на јануари во рамките од СЕХА-лигата.

Вардар исто така го очекува тежок распоред во наредниот месец, во кој тимот на Алушовски треба да одигра до седум натпревари во ЛШ и СЕХА-лигата.

За стартот на подготовките, Алушовски ги нема сите играчи на број, но се надева дека во наредниот период целата екипа ќе му се стави на располагање.

„Можам да кажам дека имаме еден краток период за подготовки во пресрет на втората полусезона. Од денес, па во наредните три недели треба да се подготвиме за сè што нè очекува. Во моментов недостигаат неколку играчи поради репрезентативни обврски, додека Кристијан Дисингер би требало во четврток да се приклучи на екипата. Тој нема да настапи за Германија на Светското првенство кое се одржува во Египет. Жал ми е за него, но сепак среќен сум што ќе можам да сметам на него. Чупиќ и Валчак со сигурност ќе отсуствуваат најмалку до 28 јануари, а се надевам дека само тие ќе бидат меѓу отсутните во овие подготовки. Морам да напоменам дека би сакал Македонија да игра на СП, но исто така би бил среќен доколку нашите репрезентативци Стоилов, Талески, Димитриоски и Мишевски, кои нема да бидат дел од подготовките, би се вратиле во тимот бидејќи ни се потребни за наредниот период“, посочи Алушовски, па додаде:

„Натпреварот со Порто на гостински терен за мене е меѓу најважните на кои се надевам дека ќе оствариме позитивен резултат за да ни биде мотив во континуитет да ги остваруваме нашите цели. Имавме големи проблеми со корона-вирусот, но се надевам дека тоа го оставивме зад нас и во претстојниот период ќе тренираме и напредуваме како една целина. Секако, ќе се потрудиме да бидеме максимално подготвени да ги освоиме македонското првенство и Купот. Во февруари нè очекува густ распоред, очекувам во тој период да одиграме дури 11 натпревари во кои што ќе мора да дадеме сè од себе, иако ќе биде пеколен период“, посочи Алушовски.

Тренерот на Црвено-црните најави дека можно е екипата да се засили за вториот дел од сезоната, иако сегашниот ростер има доволно квалитет.

- Оглас -

Најнови вести